header image
 

Постои причина…

dark moon

Постои причина за се

Додека месечината полека
чекори со тешки чекори
по небесниот свод
а денот е повторно
предалеку
ноќта посега по старата
песна
исполнета со стихови
преполни тага
и одејќи в сон
в прошетка до
првите мугри
таа го завршува својот пат
оставајќи ме мене
да ја одболувам
песната која таа ја пее
да и ги одгатнам
стиховите кои наизуст ги знам

не барај ме
не барај се
постои причина за ćе
немаш страв
но не си бесстрашен
немаш срам
но не си брессрамен
не барај ме
постои причина за ćе

Денот е предалеку
за мене сеуште трае
мракот
иако ноќта веќе оддамна ги тргна
своите црнила од небото
звуковите во воздухот
само ја разгоруваат
старата рана
моја и на месечината
која со мене
ги повторува
стиховите преполни тага
за да останат запамтени
да не бидат заборавени
сихови кои како ехо
на минатото
а предвесници на иднината
одѕвонуваат
во мене

не барај ме
не барај се
постои причина за ćе
нема повеќе сега
има тогаш – некогаш
нема сега, нема потоа
нема утре
нема…
не барај ме
постои причина за ćе

Невидлив…

Invisible

Невидлив во толпата

Поттикнат од се
и поттикнат од ништо
го облекувам мојот капут
и тргнувам
да се туркам низ толпата
за да пронајдам чувство
чувството дека сум жив
да таму се огледам во нечии очи
за да остварам стара желба
желбата да постојам
да потоа разменам искреност
за да потврдам оддамна заборавена вистина
вистината дека не сум невидлив

иако се покажува на
спротивното

Но, никој не сака да се соочи
со празен капут
заобиколен, одбегнат, отстранет
повторно заглавувам на средината
помеѓу световите
мојот и нивниот…
среќа што го зедов капутот
пред да заминам
ме заштитува од студот
и ја разбранува гужвата
ионака не сакам да се соочувам со ничии очи
ниту повторно да разменувам (не)искрености

иако се покажува на
спротивното

Клупата, јас…

Immortal

Клупата, јас и вечноста

Рече седни…
рече, седни на таа клупа
и јас седнав
рече чекај…
рече, почекај ме на таа клупа
и јас чекав

поминаа саати,
денови,
години…
јас сеуште седам
и чекам…
не, не те чекам повеќе тебе
ти оддамна замина
тоа го знам
сега, веќе подолго време
се чекам себе си
за да потоа заедно
заминеме
во вечноста

Изгубен…

Lost

Изгубен во мир

По долгата пловидба
по немирните води
на сите океани и мориња
решив да се закотвам
на едниственото парче
сува земја
кое патем некогаш
го одминав
и сфатив
дека јас всушност
никогаш не сум пловел
туку залудно
сум верувал на
картите кои
други ги цртале
и компасот
кој друг го расипал
и дека јас
секогаш и засекогаш
стојам и ќе стојам
на единственото парче
сува земја
мечтаејќи да бидам
морепловец
а немам
ни брод
за да отпловам

Џез…

Jazz

Џез без музика

Инспириран од
самотијата
и дружењето
со самиот себе
го земам
парчето хартија
за да ја напишам мелодијата
која свири во мојата душа
ги пишувам нотите
а срцето ми трепери
затоа што
ја откривам тајната
хармонија
што некогаш
некои други ќе можат
да ја отсвират
што тогаш
некои други ќе можат
да ја слушнат
а јас никогаш
не најдов публика
која барем од почит ќе дојде
и на заминување ќе се насмевне
како да ја разбрала
суштината на мојата музика

не барам аплауз
него и онака не можам да го слушнам
оддамна го изгубив слухот
за звуците “од надвор“
од светот околу мене

Ти…

Space of desires

Ти

Ти, што дојде
од кај него
за да легнеш во нашата постела
извалкана во неговите нечистотии
искапена во неговите сокови
намирисана во неговите мириси

Ти, што дојде
од кај него
за да ме бакнеш со вкусот на неговите усни
истрошена од неговите допири
возбудена од неговите зборови
поттикната од неговите воздишки

Ти, што дојде
од кај него
за да ми кажеш за нас големи планови
занесена во неговите илузии
изгубена во неговите светови
заљубена во него

Ти, што дојде
од кај него
врати се од таму од кај што доаѓаш
нема место во мојата постела
за вашите нечистотии, сокови и мириси
немаат време моите бакнежи
за вашите допири, зборови и воздишки
нема иднина во моите планови
за вашите илузии, светови и за него
… немам повеќе ништо ни за тебе…

И ти…

Art

И ти си иста

И ти си иста
само носиш друго име
и ти си иста
само повешто си го криеш вистинското лице
и ти си иста
само поискрена си во лагите
и ти си иста…
сите сте исти…

Ве обожувам
о, вие прекрасни
суштества
Ве презирам
о, вие крадци
на среќата
- на мојата среќа
вие убијци
на занесот
- на мојот занес
вие уништувачки
на се
- на моето се…

и… Ви благодарам
Вам “мои“ музи
за инспирацијата

Крв…

Blood Ink

Крв наместо мастило

сите ние крвариме
на сите крвта ни е течна
сите ние крвариме
но малкумина пишуваат со неа

притискајќи го врвот на перото
на згужваниот лист
крвта моја го освојува белиот простор
па и парчето хартија
крвари со мене

и не е само фраза
текст напишан за да се прочита
станува потреба да се пишува со неа
за да се отстрани бремето
кое струи низ вените

сите ние крвариме
крвта ни е на сите црвена
сите ние кравриме
но никој не крвари исто

против кого ли се борев
сето ова време
против сите…
против тебе…
против себе…

премногу брзаме
за времето да може
да го фати нашиот чекор
па прашањето е
каде ќе се најдеме
а не кога

сите ние крвариме
на сите крвта ни е топла
сите ние крвариме
но секој на свој начин

Создавач…

Street

Создавач на дождови

Време е
да ги раздвижам старите коски
и да го напуштам местото
кое го викав дом,
да ја истресам правта
наталожена на парталите
кои ги нарекував облека,
да тргнам по патот
полн непознати искушенија
кој сепак знам каде ќе ме одведе…

Јас сум Создавач,
јас создавам дождови…
дождови чии капки
паѓаат како солзи од очите
на грешни ангели.
Јас сум Создавач,
јас создавам дождови…
дождови кои како реки
течат од полните живот небеси сини
и паѓаат на земјата сива и мртва.
Јас сум Создавач,
јас создавам дождови…
јас… создавав дождови…
сега ја создавам росата
на латиците на цветовите

Време е…
да го направам следниот чекор
следен не и последен

За прв пат
после долго време
ги подигам рацете
и посегнувам кон небото
и ги допирам облаците
и прошепнувам молитва
и извикувам клетва
и …
и капки дожд излегуваат
од облаците
капки дожд потекуваат
надолу кон земјата
капки дожд се впиваат
во почвата
дарувајќи нов живот
на веќе умрената природа
а јас… јас се слевам
во виножитото
добивајќи ги боите
на радоста
на мудроста
на вечноста

Компјутерџиска…

Tastatura

Компјутерџиска сага

кога ми рикна
хардот
сватиф дека проблемот
не е во меморијата
туку во
напојувањето
а дека сите
податоци
не се наоѓаат таму
каде што јас ги
оставам
туку каде што ти
сакаш да ги скриеш од мене…
биди проклета (!)
никој
никогаш повеќе
да не стави раце
на твојата тастатура

со посвета на еден
компјутерџија